

Од нејзиниот летен одмор во Хрватска, Ане (од Холандија) ми испрати разгледница од Истра, полуостров, местенце, агол, со свој посебен свет, уживајќи цели 10 дена. Истра е полуостров во облик на срце во Јадранското море и со самото тоа мислам дека е нормално да се помине еден прекрасен одмор.
Дополнително инфо – Островите Бријуни претставуваат група од четиринаесет мали островчиња во хрватскиот дел од Јадранското море, одделени на западниот брег од полуостровот Истра. Островите Бријуни се добро познати по нивниот разновиден свет на флора и фауна. На архипелагот (кој е единствениот национален парк на Истра) живеат над 700 видови растенија и над 250 видови птици. На најголемиот остров од групата острови има зоолошка градина, сафари и етно парк. Исто така, таму може да се најдат животни од целиот свет, но и некои автохтони видови на Истра, како што се говедата Боскарин или овците Истра.
Имајќи ги предвид сите природни убавини и историско значење, не е воопшто чудно што Бријуни островите честопати се нарекувани како„рај на Земјата“.
И ова е мојот омилен дел. Постои легенда 😍 Секако дека постои легенда😍
А легендата вели дека кога Творецот ја создавал Земјата сакал да создаде и еден дел што ќе биде ист како Рајот. Така ја создал Истра. За жал, ѓаволот бил многу љубоморен и ја расцепил вреќата со неискористени камења и карпи и ги расфрлал низ Истра. Ангелите биле многу тажни, па затоа ги собрале расфрланите парчиња и ги заштитиле со морските бранови. И така ангелите ги создадале Бријуни островите- Рајот на земјата.